Теракотните икони од Виница се вбројуваат меѓу најексклузивните наоди во историјата на македонската археологија.
Досега биле изложувани во повеќе градови: Ватикан (1986); Загреб (1987); Љубљана (1989); Москва (1989); Белград (1991); Минхен (1993); Рим (1995); Варшава (1996); Анкара (1997); Париз (1999)...
Во Р. Македонија теракотните икони беа презентирани во Виница (1986); Охрид (1990); Скопје (1991), а во повеќе градови презентирани се копии од истите.
Во тек се подготовките за презентирање на дел од збирката во музејот Catharijneconvent во Утрехт, Холандија.
Најголемата колекција на теракотни икони се наоѓа во Музеј на град Виница, а солидна колекција експонира и НУ Музеј на Македонија.
Колекцијата на теракотни икони многу е зголемена со истражувањата во 2008/2009 година, кога покрај посточките, пронајдени се и нови мотиви.
Откривањето на керамичките плочи од Виница започнува во шеесетите години, приближно во времето кога археолозите започнуваат да вршат рекогносцирања и на овие простори. При извршувањето на полските работи на теренот на зарамнетото плато ј/з од Виница, мештаните откриле две идентични керамички плочи со релјефна претстава на Св. Архангел Михаил. Во повеќе наврати ова место било цел на дивите копачи, кои во шеесетите години откриваат еден сакрален објект-мала црква. По оваа случка, извршен е увид од надлежните служби, при што се откриени уште неколку фрагменти, а во 1984 година на с/и дел од бедемот откриена е оштетена претстава на Св.Теодор.
Со заштитните ископувања кои започнале 1985 година, во ј/и дел од Виничко Кале откриена е релативно голема групација од 26 цели и стотина фрагментирани керамички релјефи. Оваа групација била откриена на длабочина од 100-200 см, во слој од отпаден градежен материјал, на површина од 25 метри квадратни.
Теракотните икони (иако не соодветен, сепак термин кој се покажа како ,,најблизок,, до пошироката популација) по својот облик претставуваат плочи изработени од глина, моделирани со помош на калап, со кој на предната страна се изведени релјефни претстави со одредена иконографска содржина, прикажани во повеќе реплики.
Плочите се изведени во два формата, со некои помали отстапувања:

• квадратен – со димензии : 31 х 29 х 4,5 см и 30 х 28 х 4 см
• правоаголен – со димензии : 32 х 20 х 4,5 см и 33 х 29 х 4 см

1 2