Марјан Јованов во едно свое излагање во "Културно наследство" бр. 20 дава втора варијанта во врска со името на градот. Иако со правецот на протегање на патот Стоби- Пауталија досега се изнесени повеќе различни толкувања, тој смета дека ниту едно од нив не одговара на вистинскиот пат кој во античко време го спојувал Стоби со Пауталија, Тргнувајки од изворната варијанта на Појтингеровата Карта (Tabula Peutingeriana, понатаму ТР), која била корегирана од германскиот научник Конрад Милер во 1916 година (извршена била замена на местата Астибо и Транупара), од бројните недоследности искажани по прашањето на трасата на античкиот пат кој ги поврзувал Стоби и Пауталија, како и дел од поновите археолошки откритија во регионот на Делчево, М. Јованов смета дека под бројните ранохристијански остатоци треба да се бара античката Транупара, а на локалитетот Виничко Кале- антички град Астибо6.

Неговото објаснување се состои од следново: “Ако Транупара ја лоциравме кај Крупиште, следните 20 милји според ТР не доведуваат во регионот на денешна Виница. Овде, на локалитетот Виничко Кале се наоѓаат маркантни остатоци од укрепена населба од раноанточко време, која зафаќа површина од 3,5 хектари. Камените дробилки за руда зборуваат за рударско-металуршката дејност како причина за подигање на раноантичката населба на овој локалитет, а сребрената тетрадрахма на Филип 2 помага во неговото датирање. Во 4 век оваа населба добила бедеми градени со малтер, а во 6 век и во раниоот среден век добила уште повеќе на значење, прераснувајќи во еден културен центар, за што сведочат бројните базилики. Сметам дека следејќи ги растојанијата на ТР и археолошките остатоци на теренот, на овој локалитет би требало да ја лоцираме станицата Астибо. Од тука до Пауталија ни преостануваат уште 50 милји”.

Според М. Јованов, патот понатаму продолжувал од Виница на исток, во правец на Делчево, Драмче до Ќустендил. Овој потег како природна комуникација бил користен уште во праисториските епохи. За тоа сведочат и двете бронзенодопски погребувања на локалитетот Чифлик во с. Драмче. И постарите жители на Драмче сеуште потврдуваат дека за само 5-6 часа пешачење, во не така далечното минато, оделе за Ќустендил. Според сето ова тој смета дека патниот правец кој во Римскиот период ги поврзувал Стоби и Пауталија, поминувајќи низ Транупара и Астибо изгледал вака:

СТОБИ (Stobi) - 30км – КРУПИШТЕ (Tranvpara) - 20км - ВИНИЧКО КАЛЕ (Astibo) - 50 км - ЌУСТЕНДИЛ (Pavtalia)
___________________
6 М. Јованов 2002, 11- 22

1 2 3 4 5 6