4. С. Драгобраште– Црквата Св. Успение Богородично.
За оваа црква се претпоставува дека е изградена во 1883 година од страна на жителите на село Драгобрашта и истата е посветена на Св. Успение Богородично, празник кој го слават жителите.
Како и поголем број од досега споменатите цркви и оваа има форма на трикорабна базилика со рамни дрвени тавани изработени од тамошните мајстори.
Она што остава посебен впечаток е тоа што црквата е изградена прилично длабоко во земјата така што од јужната страна во самата црква водат пет скали. На еден аголен камен, вѕидан во фасадата на црквата се испишани имињата на ктиторите:
"1883 ЛЕТО ТИТОРI АТАNАС СОКОЛ АNГЕЛ ПА (ПА?) КОСТАДИ"
На иконостасот во црквата се наоѓаат 58 икони работени претежно кон крајот на 19 век. На голем дел од нив не ги забележуваме името на авторот – сликар, меѓутоа неколку од нив со сигурност се знае дека се работени од раката на познатиот иконописец Андон Петровиќ од Гари.