3. С. Блатец– Црквата Св. Илија во село Блатец претставува трикорабна базилика со рамни тавани. По форма и големина не се разликува од останатите цркви во овој регион кои се градени во средината на минатиот век. Сепак она што остава посебен впечаток е тоа што нејзините тавани се копаничарски мошне добро обработени, како што е обработен и големиот крст на иконостасот и царските двери. На самиот иконостас и на останатите делови на црквата се наоѓаат 77 икони од кои еден дел се работени од зографот Никола Михаилов од Крушево. Неговиот потпис се наоѓа на иконата “Зачетие на Св. Ана’’. Другите икони се со ликот на Христос, Богородица, Св. Ѓорѓи, Св. Јован Претеча, Св. Никола и др.Дали се работи за иконописец од Крушево или пак од Кратово останува да се потврди. Меѓутоа според оригиналниот натпис овој иконописец потекнува од Крушево.
На северната страна на црквата под самиот покрив се наоѓа натпис на кој стои дека црквата е градена 1850 год. Други белези на самата црква упатуваат пак на констатацијата дека црквата е градена уште пред 1850 год. За историјата на црквата дознаваме од сочуваните белешки во неколку стари книги кои се наоѓаат во црковната библиотека и кои сеуште се користат за одделни црковни празници. Дознаваме дека повеќето од книгите се набавени од печатницата во Цариград во 1858 година, потоа дека одделни свештеници биле ракоположувани на свети денови и слично. На одделно место среќаваме податок дека во с. Блатец имало земјотрес и тоа на почетокот на минатиот век (1903 год.), како и тоа дека во селата Блатец и Липец била присутна болеста колера од која изумреле голем број на луѓе, а поголемиот број деца.
...
Инаку во околината на село Блатец се среќаваат неколку свети места на кои се изградени и обележја на кои верниците доаѓаат. Во месноста Селиште верниците изградија и една друга мала црквичка посветена на Св. Великомаеник Ѓорѓи. На ова место каде верниците се собираат на Ѓурѓовден во поново време е изграден конак каде може да се престојува бидејќи се направени соби и трпезарија за гости .Во околината на селото се наоѓаат неколку водички и тоа Св. Петка, Св. Богородица, додека на јужната страна од селото се наоѓа водичка и изградено манастирче со зграда и конак посветено на “Рождество на пресвета Богородица’’. Жителите оваа водичка ја користат за лекување на очобол.
Меѓу жителите на Блатец се зборува дека во центарот на селото, каде што се наоѓа споменикот на паднатите борци и плоштадот, постоела црква Св. Богородица, па оттука и легендата за празнувањето на овој празник меѓу жителите на Блатец.