2. Црквата Св. Спас во село Липец се смета за една од постарите во Виничко.Од сочуваните документи, а и од натписот сочуван и обновен од жителите, се потврдува годината на изградбата на црквата Св. Спас. Таа е лоцирана на северната страна од селото, на една височинка до која се стигнувана десетина минути пат од селото.
Црквата претставува трикорабна градба со рамни тавани градена од речен камен и малтер. Од надворешната страна не е малтерисана при што се познаваат камењата и малтерот.
Истата била изградена во 1849 година, и за разлика од некои други цркви од овој период, црквата во село Липец е живописна со малку невообичаена сликарија, чиишто елементи се цвеќиња поставени во вазни и други флорални елементи, меѓу кои се среќава и по некоја насликан ангел.
Горниот дел од дрвениот иконостас е направен во резба. На него денес се наоѓаат 33 икони од кои едната "Животоносниот леб" е работена од непознат зограф во 1887 год.
Покрај ова на левата врата од иконостасот се наоѓа голема икона на Св. Архангел Михаил на која е запишана годината на изработката на иконата и тоа 1918 и е потпишан зографот кој ја работел иконата со иницијалот Г.
Во скромната библиотека на црквата се сочувани одвај десетина книги од постар датум ( на нив не стои ниту годината ниту местото на печатењето. Ова е заклучок од прелистувањето на книгите кои се во мошне лоша состојба).
Од оние црковни книги кои се сочувани бележиме 3, и тоа: “Минеј’’ за 11-ти мецеци, потоа друг “Минеј’’ (месецот не се знае), како и “Октоих’’ или “Осмогласник’’.
На “Осмогласникот’’ на третата страница пишува: 1888 16 Јули, што е секако годината, месецот и датумот кога овде се одржала некоја значајна црковна прослава.