1. Виница – Една од поголемите цркви во Виничко се наоѓа во градот Виница. Црквата е посветена на Св. Архангел Михаил, а изградена е во 1850 год. Над влезната врата на црквата се наоѓала мермерна плоча со натпис во кој се споменува годината на ѕидањето, 1850, султанот Меџид Абдула и археопископот Климент. Дали навистина тогаш била градена или била обновена на темелите од стара црква сеуште не е утврдено. Во 1970 год. е срушена и на истото место во 1973 год. е изградена поголема трикорабна базилика со полукружна апсида одвнатре и седмострана однадвор. Направена е од кршен камен и малтер со дрвен рамен таван. Со новите доградувања црквата добила нагласена издолжена форма, а во поново време е фрескоживописана од страна на ликовниот уметник Цветков Венко од Штип. Над влезот на западната страна е декорирана со прекрасен мозаик на кој е прикажан Св. Архангел Михаил. Во црквата се регистрирани 96 икони од кои 69 на дрвениот иконостас се работени во 19 век. Две од овие икони се датирани: едната е со Св. Теодор Тирон од 1890 год. , и уште една икона која е датирана е Св. Богородица со Христос од 1899 год. Иконата на кој е претставен Св. Пантелејмон од 1890 год. е реставрирана во 1917 год.
Црквата својот патрон го прославува на 21 Ноември на денот на Св. Архангел Михаил – многупочитуваниот светител кој на овие простори бил почитуван уште во ранохристијанскиот период и на кој е посветена теракотна икона Св. Архангел Михаил (која до сега е пронајдена во поголем број на примероци).
Во црковната библиотека се среќаваат голем број на книги кои денес служат за црковна богослужба во црквата и истите се наоѓаат во мошне добра состојба. За оваа црква ќе треба да се доистражат црковните архиви и документи за да може да се осознаат нови податоци околу нејзиното градење.

Кликнете врз сликата за да ја погледнете зголемена